Од иницијативата „Суппорт Кочани“ велат дека уште од првиот ден по трагедијата во Кочани, дел од поединците се свртеле кон политиката, наместо кон заедништвото и помошта.
„Сведоци сме дека некои поединци уште од првиот ден на трагедијата во Кочани се свртеа кон политиката. Секој ден, насекаде – политика. Во таа игра едни сакаат да победат, други да избегнат одговорност, а трети најмногу би сакале Кочани и неговите жртви да се заборават. Така е и овие денови“, стои во нивното соопштение.
Од „Суппорт Кочани“ потенцираат дека нема да дозволат болката и трагедијата да бидат претворени во политичка алатка.
„Ние нема да станеме дел од тоа. Ќе ги избегнеме политизацијата и целната маргинализација така што доследно ќе одбиваме нашите болни приказни и загуби да ги претвориме во политичка алатка. Ќе стоиме цврсто покрај вистината“, порачуваат тие.
Од иницијативата нагласуваат дека не им се потребни награди ниту јавни пофалби, туку вистинска поддршка за повредените и сеќавање на жртвите.
„Не ни требаат награди и јавни пофалби. Нам ни е доволно нашите повредени да продолжат да живеат. Да се сеќаваме на настраданите и да бидеме покрај нивните семејства. Доволно е трагедијата во Кочани никогаш и никаде да не се повтори“, се наведува во соопштението.

