Кочани вечерва не спие граѓаните се собраа пред поранешната дискотека Пулс, каде со свеќи во рацете и солзи во очите оддадоа почит на жртвите од големата трагедија.
Точно во 02:35 часот, во моментот кога пред една година избувна пожарот во кој трагично згаснаа 63 животи, а над 200 лица беа повредени, присутните застанаа во молк.
„Не знам дали постои збор кој е соодветен со трагедијата со која вие и сите ние се соочивме. Трагедија која засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ. Останав без зборови од страв дека не постои збор што може да го кажам и да биде доволен да го опише тоа што вие и сите ние го загубивме. Но токму зборовите нè држат во живот. Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспрема заборавот. Сите ние сме заедно во ова, заедно почнавме и заедно ќе продолжиме. Сите ние, на свој начин го продолжуваме споменот на ангелите кои ги загубивме на 16 март 2025 година“, изјави Борјан Ефтимов од движењето Кој е следен.
Со свеќи во рацете, солзи во очите и огромна болка која ќе трае вечно, граѓаните повеќе од еден час во тишина изразуваа почит, солидарност и поддршка, покажувајќи дека споменот за 63-те ангели никогаш нема да згасне. 🕯️



