Пред итната медицинска помош во Општата болница во Кочани денеска беше откриено спомен-обележје во чест на Илчо Гоцевски кој почина на 17 март минатата година, ден по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Гоцевски почина, откако претходно во текот на ноќта меѓу 16 и 17 март, тој 11 пати со возилото на Итната медицинска помош превезуваше повредени на скопските клиники.
Спомен-обележјето е поставено на иницијатива на неговите колеги од Итната медицинска помош.
„Во миг кога многумина би се повлекле, Иле чекореше напред, без двоумење и страв воден од желбата да помогне и спаси други. Тој го даде највредното што човек може да го даде – својот живот за да спаси други животи“, рече Љупчо Ѓоргиевски, претседател на Иницијативниот одбор и член на Советот на Општина Кочани.
На настанот пред болницата во Кочани во чест на Гоцевски присуствуваа вработени во болницата, негови колеги, семејството и бројни граѓани.

