Сѐ поголем број граѓани од Кочани реагираат дека низ градот има сѐ повеќе празни дуќани кои со години стојат неиздадени, додека јавниот простор е зафатен со привремени објекти и бараки поставени на тротоарите.
Според нив, дел од овие објекти се поставени без соодветни услови, без тоалет и без одводна канализација, при што не само што го нарушуваат изгледот на градот, туку и сериозно го ограничуваат движењето на пешаците. На одредени локации, граѓаните велат дека речиси и да не може да се помине.
Реакции има и за дел од пазарџиите и продавачите, кои со своите тезги узурпираат цели тротоари, оставајќи минимален или никаков простор за пешаците.
Граѓаните сметаат дека е време за целосно расчистување на ваквите објекти, ослободување на тротоарите и враќање на јавниот простор во функција на сите.
Дополнително, порачуваат дека доколку веќе се отстрануваат угостителските објекти и тераси, време е подеднакво да се ослободат и тротоарите од сите останати узурпации, без исклучоци.
Пораката е јасна – ред и еднакви правила за сите.

