Денес, 5-ти септември, во Кочани требаше да започне рушењето на дивоградбите во трговскиот центар, за кое граѓаните со месеци слушаат најави од општината.
Наместо тоа, в.д. градоначалникот соопшти дека постапката е одложена, бидејќи градежниот инспектор кој требаше да ја води постапката ненадејно отишол на боледување, иако истиот бил присутен на работа. Покрај тоа имало и притисок и можни закани кон сопственикот на фирмата која требаше да ги руше објектите.
Ова отвора сериозни прашања и сомнежи кај јавноста. Дали навистина се работи за ненадејна здравствена состојба, или, пак, станува збор за закани и притисоци врз службените лица? Дали сопствениците на дивоградбите имаат толку силно влијание за да го блокираат процесот? Или можеби државата и институциите намерно ги штитат?
Ваквите ситуации уште еднаш ја поткопуваат довербата на граѓаните во институциите. Наместо јасни и доследни постапки, се создава впечаток дека законите важат за едни, а за други – не.
Со години се зборува за дивоградби во центарот на градот, кои не само што ја нарушуваат урбаната слика на Кочани, туку претставуваат и правен преседан – бидејќи испраќаат порака дека без оглед на законот, доволно е да имаш врски или пари за да останеш недопирлив.
Најавеното рушење беше видено како тест за институциите – дали конечно ќе покажат дека владеењето на правото е пред сè, или повторно ќе надвладеат интереси и партиските игри.
Со денешното одложување, впечатокот е дека уште еднаш победиле приватните интереси над јавниот интерес.
Граѓаните бараат одговори:
• Зошто рушењето не е спроведено како што беше најавено?
• Зошто инспекторот ненадејно отишол на боледување токму на денот на акцијата?
• Зошто не е спроведена судска постапка?
• Дали имаме институции што можат да утврдат дали некој објект исполнува услови за работа?
• Кој ја презема одговорноста за ова одложување?
Без транспарентност и конкретни одговори, довербата во институциите ќе продолжи да се губи, а дивоградбите ќе останат симбол на неправда и нееднаквост во општеството.

