На прес-конференција, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов најави дека очекува конечна разрешница за случајот со директорот на ОУ „Никола Карев“ Александар Андов.
Притоа, тој истакна дека правната постапка се води согласно законските прописи, како што се обврзал уште од преземањето на функцијата за доследно и одговорно работење.
– Предметите не стојат во фиока, постапуваме чесно, домаќински и одговорно – нагласи Грозданов, осврнувајќи се на реакциите од советничката група „Доста беше“, која на 4 март, поради неспоивост на функциите директор и член на Советот, достави барање за разрешување на директорот на „Никола Карев“.
– По приемот на барањето, Општина Кочани побара мислење од Државната комисија за спречување корупција, кое пристигна на 1 април. Во него се наведува дека директорот е должен да ги почитува правилата за неспоивост на функции. Со дополнително известување од 14 април, Комисијата укажа дека градоначалникот треба да постапи согласно законските прописи – односно да го разреши директорот или тој самиот да поднесе оставка. На 21 април, до директорот испративме известување со целосното мислење на Комисијата и барање да постапи во разумен рок. Од училиштето нѐ информираа дека со ситуацијата е запознаен и Училишниот одбор, кој побара дополнително време за да заземе став – соопшти Грозданов.
Градоначалникот посочи дека поради тековни активности, одговорот бил одложен, но дека наскоро се очекува конечен исход.
Во однос на тоа кој би го заменил актуелниот директор, Грозданов рече дека засега нема конкретно решение. Според законските одредби, вршител на должност директор треба да биде лице со положен директорски испит, а доколку такво лице нема во установата, може да биде назначен вработен од училиштето.

