На само два и пол километри од центарот на Кочани, во близина на излетничкото место “Гоцева шума,, води пат кон манастирот „Свети Ѓорѓи“.
Општината изгради летниковец покрај самата река и го уреди просторот со клупи и корпи за отпадоци, со цел овој предел да стане пријатно место за одмор и рекреација на граѓаните. Но, по кратко време, сликата на терен е сосема поинаква. Наместо уреден излетнички простор, денес таму може да се види вистински хаос – расфрлано ѓубре на сите страни, искршени или изместени клупи, преполни корпи за отпадоци, а може да најдете и заборавени патики.
Прашањето кое се поставува е:
Дали општината има конкретен план за одржување на ваквите места?
Дали постои систем за редовно чистење и контрола – дневно, неделно, месечно или годишно одржување?
Без вакви јасни планови, секоја инвестиција многу брзо ја губи својата смисла. Сепак, одговорноста не паѓа само на институциите. И самите граѓани се дел од проблемот. Наместо да ја почитуваат природата и просторот кој е направен за нив, дел од посетителите оставаат зад себе ѓубре, ја оштетуваат опремата и придонесуваат да се создаде впечаток на запуштеност.
Ако сакаме ваквите проекти да имаат трајна вредност, потребна е и двојна одговорност – институциите да обезбедат редовно одржување и контрола, а граѓаните да развијат култура на грижа за јавниот простор. Во спротивно, секој нов летниковец или парк ќе остане само уште една неуспешна приказна.









