Една од најуспешните македонски компании и водечки извозници на кондиторски производи, „Макпрогрес“ од Виница позната како Винчини, се соочува со сериозен удар.
Поради големиот пожар, целосно се уништени повеќе производни погони, заедно со високо-технолошки машини во кои последниве години беа вложени милионски инвестиции.
Со ова, под прашање е ставена иднината на над 400 вработени, кои остануваат без работа. Освен тоа, компанијата која извезуваше на повеќе од 50 пазари низ светот, ќе се соочи со огромни финансиски последици – проценетите штети се движат во десетици милиони евра.
„Макпрогрес“ е препознатлива по своите брендови Vincinni, Donia, Natura и многу други, а со пожарот не е загрозена само локалната економија на Виница, туку и имиџот на Македонија како извозник на квалитетни прехранбени производи.

