Настапот на КК Баскет Дино во Прва лига е доведен под знак прашање поради несоодветните услови во постојната спортска сала во Кочани. Овој проблем не е од вчера – со години спортските клубови во градот се соочуваат со предизвици кои директно влијаат врз нивниот развој, партиските директори не дозволуват подеднакво користење за сите клубови, а сега прашањето излегува на површина со уште поголема тежина.
Лоши услови за натпревари и тренинг
Спортската сала, која треба да биде центар на кошарката, одбојката, ракомет и другите спортови, се соочува сомнигу проблеми. Во вакви услови не само што е тешко да се одржуваат тренинзи на високо ниво, туку и самите натпревари не ја задоволуваат минималната стандардизација за настап во повисоки лиги.
Последици врз клубовите и младите.
Доколку КК Баскет Дино биде спречен да игра во Прва лига, тоа би било огромен удар не само за клубот, туку и за младите спортисти кои го гледаат спортот како своја иднина. Лигата не претставува само натпреварување, туку и промоција на градот, привлекување на спонзори и креирање спортска култура.Недостигот од квалитетни услови веќе со години ги тера младите таленти да бараат шанси во други градови и клубови, што значи дека Кочани губи потенцијални шампиони.
Дали е време за нова сала?
Оваа ситуација отвора едно пошироко прашање: дали Кочани конечно треба да добие нова спортска сала? Во близина на Градскиот стадион постои простор кој би можел да биде искористен за изградба на современ спортски комплекс – сала со поголем капацитет, соодветна инфраструктура, модерни соблекувални, сала за тренинг и простор за мали клубови.
Таквиот проект не би бил само инвестиција во спортот, туку и во иднината на градот:
• би се зголемил бројот на спортски манифестации,
• би се подобрила спортската туристичка понуда,
• би се креирале услови за развој на сите спортови,
• младите би добиле мотив да останат и да тренираат во својот град.
Апел до сите институции
Со актуелната ситуација, општината и надлежните институции имаат можност да покажат дека вложувањето во спортот е приоритет. Граѓаните и спортските клубови очекуваат конкретни чекори, бидејќи без вистински услови, спортот во Кочани ќе стагнира, а тоа ќе биде загуба за целата заедница.

