Во секој град низ светот, центарот претставува најуреден и најпрестижен дел – место каде ја добивате првата слика за градот, а жителите уживаат во чиста и уредна околина.
За жал, во Кочани ситуацијата е сосема поинаква. Во трговскиот центар, наместо ред и чистота, може да се забележи отпад околу контејнерите, непријатна миризба и кучиња кои го развлекуваат ѓубрето на сите страни. Ваквата слика не само што остава негативен впечаток, туку и го нарушува јавниот ред, здравјето и угледот на градот.
Проблемот, пред сè, не е во недостаток на контејнери, туку во несовесното однесување. Добaр дел од отпадот завршува покрај, наместо во контејнерите – најчесто од страна на угостителите и трговците кои свесно го оставаат ѓубрето на отворено, валкани плочки, делумно искршени од доставувачи. Ова е одраз на нашата култура и одговорност.
Институциите имаат обврска да го санкционираат ваквото однесување на секој поединец, но и секој граѓанин носи дел од вината.
Чист град не значи само ангажирање на јавни претпријатија – значи совесност и грижа од сите нас. Ако центарот е визит-карта на Кочани, време е конечно да ја претвориме во картичка од која ќе се гордееме, а не да ја криеме.

