Што е лента за забрзување?
Лентата за забрзување е дел од коловозот наменет за вклучување на возила во сообраќајниот тек од спореден пат.
Како возачот се вклучува на автопат?
За вклучување на автопат возачот користи посебна лента за забрзување. Возачот кој со возилото се вклучува во сообраќај на автопат, должен е да се увери дека тоа може да го стори без опасност за другите учесници во сообраќајот, притоа внимавајќи на положбата на своето возило, на насоката на движење и на брзината на движење.
Покрај тоа, должен е јасно и навреме да ги предупреди другите учесници за својата намера и да се користи со посебната лента за забрзување.
Како возачот мора да ја користи посебната лента за забрзување?
Посебната лента за забрзување возачот мора да ја користи на следниот начин:
• на почетокот од лентата за забрзување постепено да ја зголемува брзината на своето возило со вклучен лев трепкач, сè до брзината на возилата што се движат по сообраќајната лента лево од него,
• да ги следи возилата што доаѓаат по автопатот и да го процени моментот за вклучување,
• кога ќе постигне брзина како возилата во лентата лево од него, да избере безбеден момент за вклучување,
• кога ќе се вклучи на лентата од автопатот, да го исклучи трепкачот и да продолжи со возење.
Опасно е да се вклучите веднаш на почетокот од лентата или со мала брзина – тоа може да предизвика судир или нагло сопирање на возилата кои веќе се движат по автопатот.

