Сѐ почесто граѓаните реагираат дека културните центри, наместо да бидат места за локални уметници, изложби, театарски претстави и филмски проекции — се претвораат во сали за партиски митинзи, советнички седници и политички настани.
Во меѓувреме, вработените и директорите примаат плати, додека културната дејност е занемарена и речиси непостоечка.
Наместо да се поттикнува креативност, младинска активност и културен живот, просторите што треба да бидат симбол на уметноста, се користат за дневна политика. Особено е симптоматично што ЦК „Бели мугри“ неодамна доби донација од 1.2 милиони денари од АЕК за современа опрема за проекција на филмови — инвестиција што требаше да го збогати културниот живот во Кочани, но досега не ја оправда својата намена.
До кога ќе се злоупотребуваат јавните институции за партиски интереси, наместо за јавна полза останува да видиме? Граѓаните очекуваат културата конечно да им се врати на културните домови — таму каде што ѝ е местото.

