Официјално започна примената на новиот сообраќаен режим во градот, а реакциите на граѓаните се поделени. Дел сметаат дека треба да му се даде време за да се види како ќе функционира во пракса, додека други уште на самиот почеток укажуваат на сериозни недостатоци.
Жителите на улиците „Маршал Тито“ и „Димитар Влахов“ реагираат дека за да стигнат до своите домови мораат да возат до градскиот плоштад и да прават дополнителен круг, што значи поголем трошок на време и гориво. Доколку нема слободно паркинг-место, приморани се повторно да кружат низ центарот.
Посебна забелешка има и за решението со паркирањето. Наместо косо паркирање, кое овозможува двојно повеќе паркинг-места, во проектот е предвидено паралелно паркирање. Со тоа се губи значителен паркинг простор, а коловозните ленти остануваат предимензионирани, што овозможува побрзо возење и зголемен ризик по безбедноста и непрописно паркирање, исто така нема физички препреки кај пешачките премини
Дополнително, новиот режим воопшто не го решава проблемот со автобуски и такси постојки. Поради тоа, автобусите и такси-возилата често се принудени да застануваат на сред коловоз, што создава метеж и сериозни застои, особено во шпицовите во денот.
Граѓаните очекуваат надлежните внимателно да ги следат реакциите од терен и навреме да направат корекции, со цел сообраќајниот режим навистина да донесе растоварување и поголема безбедност, а не дополнителни проблеми, гужви и нервози.

