Во изминатите денови е забележано дека возилата на Брзата помош, и покрај вклучена ротација и сирена, со десетици минути стојат во место поради сообраќајниот метеж. Ваквата состојба сериозно го зголемува ризикот за граѓаните на кои им е потребна итна медицинска или друга итна помош, каде што секоја минута може да биде пресудна.
Сообраќајниот хаос, недоволниот проток на возила и нефункционалните решенија директно ја загрозуваат безбедноста и здравјето на граѓаните. Потребни се итни мерки за подобар проток на сообраќајот и овозможување непречено движење на возилата со првенство на минување, затоа што ваквите ситуации не смеат да станат секојдневие.
Дополнително, неопходно е булеварот „Тодосија Паунов“ да биде целосно обезбеден и да функционира во две сообраќајни ленти по целата негова должина, а не како досега – со прекини на одредени делови. Ваквото решение значително би го подобрило протокот на возила и би придонело за побрз и побезбеден пристап на службите за итна помош до сите делови на градот.

