Со заминувањето на 2025 година, Кочани ја испраќа уште една тешка и турбулентна година. Наместо напредок, визија и развој, градот повторно се соочи со стари проблеми, лоши решенија и недостиг од вистинска стратегија.
2025 година ќе остане длабоко врежана во колективната меморија на Кочани по трагедијата во дискотеката „Пулс“. Загубата на човечки животи и големиот број повредени ја потресоа целата јавност и оставија рана која тешко ќе зарасне. На повредените им посакуваме побрзо и целосно оздравување, сила и поддршка во најтешките моменти, а на семејствата на настраданите – сочувство кое зборови тешко можат да го опишат.
Оваа трагедија уште еднаш го оголи системот – корупцијата, немарноста и институционалниот хаос кои со години се толерираат. И покрај локалните избори и најавуваните „промени“, стариот систем остана недопрен. Истите практики, истите луѓе и истата неказнивост продолжија да владеат, без вистински кадровски и суштински реформи.
Наместо одговорност и длабоки промени, граѓаните повторно добија козметика и празни ветувања. Крајот на 2025 година нè затекнува со чувство на разочараност, тага и гнев, но и со јасна порака дека без вистинска борба против корупцијата и без радикална промена на системот, ваквите трагедии ќе продолжат да се повторуваат.
Кочани заслужува правда, безбедност и живот достоен за своите граѓани – не само зборови на крајот од уште една тешка година.
За жал, завршницата ја одбележа и новиот сообраќаен режим, кој наместо ред донесе хаос, нервоза и уште поголем пад на квалитетот на живот. Како и секоја измината година, Кочани продолжува да тоне, а секојдневието на граѓаните станува се потешко
Кочани и понатаму е град со огромен потенцијал – геотермални води, земјоделство, туризам, млади луѓе и природни ресурси – но без јасна насока тие остануваат неискористени. Недостигаат спортски, културни и рекреативни содржини, а градот сепочесто остава впечаток на запоставен и без енергија.
И покрај сè, 2025 година покажа и едно позитивно нешто: граѓаните се разбудија, не молчат. Реакциите, апелите и јавните дискусии се доказ дека Кочани има луѓе што се грижат и што бараат подобро утре.

