Во врска со јавните објави и информации што кружат, чувствуваме морална човечка обврска јасно да појасниме дека :
Единствената заедничка иницијатива на родителите на трагично загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс – Кочани е изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста”.
Овој споменик е замислен да се изгради во Кочани – градот каде што се случи трагедијата, како трајно место на сеќавање, тишина и достоинство. Место каде што споменот на нашите деца ќе живее меѓу нивните сограѓани, таму каде што им беа корените, животот и иднината. „Патека на бесконечноста” не е само проект.
Финансирањето на изградбата на ова заедничко спомен-обележје ќе се реализира исклучиво преку спонзорства, хуманитарни настани и донации, за што е отворена
наменска трансакциска сметка:
Примач: Здружение на граѓани „16-ти Март 2025″ Кочани
Број на сметка: 240-1301217458-38
Банка: Уни Банка АД Скопје
Дознака: Донација за спомен-обележје „Патека на бесконечноста”
Воедно, поради транспарентност и вистинито информирање на јавноста, нагласуваме дека : трансакциската сметка: 240-1371214937 88 – Уни Банка, не е сметка на Здружените на граѓани 16-ти Март 2025 Кочани, туку е приватна сметка на семејството Антови, отворена за реализација на проектот „Меморијален паметник Ангели” на локација на Пониква. Како што и сами јавно објавија, идејата и одговорноста за овој меморијал се иницијатива на семејството Антови од Кочани, во чест на нивната ќерка Ивона Антова, која трагично го загуби животот во пожарот на 16 март 2025 година. Сакаме јасно да нагласиме дека немаме ништо против посебните, индивидуални иницијативи на поединци или семејства. Секој родител има право на свој начин на сеќавање, жал и почит.
Нашата единствена цел со ова појаснување е да не дојде до заблуда кај граѓаните и донаторите, и јасно да се разликува што е заедничка иницијатива на сите родители, а што е индивидуална семејна иницијатива. Нашата болка е заедничка. И затоа вистината, јасноста и достоинството мора да бидат заеднички.
Со почит,
Родителите и семејствата на трагично загинатите млади животи во пожарот во „Пулс” – Кочани обединети преку Здружение на граѓани 16-ти Март 2025 Кочани

