Минатата година беше една од најтешките за оризопроизводството, а во 2026 година влеговме со истите, нерешени и длабоки проблеми, велат производителите на „белото злато“ од Кочанскиот регион. Откуп речиси и да нема – од реколтата 2025 година откупени се само околу 5% од оризовата арпа, додека најголемиот дел од родот сè уште стои по амбарите.
Ниската откупна и производна цена, како и неконтролираниот увоз на ориз од земјите од Блискиот Исток, дополнително го зголемуваат незадоволството кај земјоделците. Оризопроизводителите тврдат дека и производната и откупната цена се утврдени врз погрешни основи и се крајно неприфатливи. Од друга страна, откупувачите се правдаат дека цените ги диктира пазарот и побарувачката.
Ваквата состојба ги става оризопроизводителите во крајно незавидна положба, поради што најавуваат радикални протести доколку надлежните институции итно не изнајдат решение.

