Запрена е истрагата за шестмина полициски службеници и началници кои беа осомничени за кривичното дело „предизвикување општа опасност“ во случајот со трагичниот пожар во кабарето „Пулс“.
Обвинителството оценило дека нивните овластувања не биле поврзани со проверка на противпожарните мерки, туку со сообраќајната безбедност и паркинг-просторот на објектот. Поради ова, тие повеќе не се гонат за смртните последици од пожарот, туку истрагата за нив може да продолжи само во насока на евентуална „злоупотреба на службената положба“.
„Во конкретниот случај, тие требало да извршат проверки само во делот дали биле исполнети условите за заштита на јавен ред и мир и безбедноста во сообраќајот“. Како резултат на оваа одлука, Кривичниот суд во Скопје веќе ги укина мерките за претпазливост за дел од осомничените кои претходно поминаа и еден месец во притвор.

