Се поставува сериозно и легитимно прашање: дали општината е толку сиромашна што, и покрај најавените 100.000 евра дополнителна помош од Владата, не може да ангажира професионална фирма за квалитетна санација на сите ударни дупки со асфалт?
Реалноста на теренот покажува сосема спротивно од она што граѓаните го очекуваат. Наместо стручна и трајна санација, сведоци сме на амaтерски пристап – бетонирање на дупки, крпење „на парче“ и импровизации кои не траат ниту една сезона. Ваквиот начин на работа не само што е неефикасен, туку е и срамен за една општина во 21 век.
Ова е општина, не приватен двор. Граѓаните редовно плаќаат даноци и имаат целосно право да очекуваат сериозна, стручна и одговорна работа, а не импровизации и очигледна нестручност. Бетонирањето на ударни дупки не е решение – тоа е само одложување на проблемот и дополнително фрлање пари. Во нормални, функционални градови, санацијата на ударни дупки се врши со професионално чистење и подготовка на подлогата, квалитетен топол асфалт, машинско вградување и валирање, контрола на квалитет и трајност.
Кај нас, за жал, гледаме спротивно: без план, без стандарди и без одговорност. Прашањето повеќе не е дали има пари, туку дали има знаење, организација и волја да се работи како што треба.
Ваквиот пристап не е само лош – тој е понижувачки за граѓаните и недостоен за една општина што претендира да биде модерна и уредена. Време е импровизациите да престанат и конечно да се воведе ред, професионализам и отчетност.

