Дел од ромската заедница во Кочани и другите градови денеска протестираа со палење гуми поради најавените законски измени со кои повеќе нема да се дозволи управување возило без возачка дозвола и со кои се предвидува трајно одземање на возилата при тешки прекршоци.
Она што дополнително ја збунува јавноста е фактот што ваквите правила и досега постоеја во законите, но со години не се спроведуваа доследно. Наместо еднаква примена на прописите за сите, се создаде чувство дека одредени групи се толерираат и се користат исклучиво како гласачка машинерија, а институциите свесно гледаат настрана.
Со години граѓаните реагираат на диво возење без возачка дозвола, нерегистрирани такси-превози, непочитување на сообраќајните правила, како и на неплаќање на вода, струја и комунални давачки. Овие проблеми не се етничко, туку институционално прашање и последица на селективна примена на законот.
Палењето гуми на отворен простор и организирањето ненајавени протести претставува кривично дело и сериозно загрозување на здравјето на граѓаните и амбиенталниот воздух. Надлежните институции мора веднаш да реагираат, а МВР има обврска да ги идентификува сите лица кои учествувале и да покрене соодветни кривични постапки. Доколку тоа не се стори, логично се наметнува прашањето дали некој ги штити и дали истите се испратени таму со нечива поддршка.
Време е сите да бидеме еднакви пред законот, без исклучоци и без калкулации. Законот не смее да важи само за дел од граѓаните, додека за други да се толерира непочитување со години. Институциите мора конечно да се фатат за работа, да ги спроведуваат прописите доследно и да покажат дека ред и правда има за сите подеднакво. Само така може да се изгради доверба и вистинска правна држава.

