По јавните признанија дека голем број лица управуваат возила без возачка дозвола, како и по протестите со кои се бара таквата пракса да продолжи, со право се наметнува прашањето: што работеа институциите досега? Како е можно со години да се толерира ваква состојба што директно ја загрозува безбедноста на сите граѓани?
Граѓаните прашуваат дали градоначалникот ќе го свика Советот за безбедност и дали конечно ќе има засилени контроли на територијата на Кочани. По овој скандал, неопходни се 24-часовни сообраќајни контроли, без исклучок и без селективност.
Според реакциите во јавноста, загрижувачки е тврдењето дека голем дел од населението не поседува возачка дозвола, а сепак секојдневно учествува во сообраќајот. Како да се чувствуваме безбедно кога знаеме дека по улиците се движат секакви возила, вклучувајќи и технички неисправни?
Потребни се строги контроли и санкции, без разлика на етничка припадност или каква било друга основа. Законот е ист за сите, а општинските и државните институции се должни да обезбедат ред, безбедност и еднаков третман за сите граѓани.

