Сѐ почесто граѓаните со право прашуваат за што навистина служат центрите за култура во Кочани и дали нивната основна намена е целосно изместена. Наместо простор за културни настани, филмови, театри, концерти и младинска креативност, тие сѐ повеќе се користат за политички цели.
Седници на Советот, канцеларии, состаноци, па дури и активности поврзани со ДИК, се сместуваат токму во културните центри. Се поставува логично прашање дали тоа е нивната улога и зошто институции кои треба да бидат дом на културата се претвораат во административни и политички простории.
Кино салите се празни. И покрај тоа што има директори и цела администрација која редовно зема плата, нема филмски проекции, нема програма, нема живот во тие простори. Реконструкцијата не е целосно завршена, а резултатите се речиси никакви.
Центарот за култура „Бели мугри“, и по реконструкцијата, сѐ уште нема еколошко греење. Се користи нафта и дрва, што е поразително за објект кој треба да биде современ и енергетски ефикасен. Во салите нема ниту еден филм, иако киното доби модерна опрема за дигитална проекција, како донација од АЕК во вредност од 1,2 милиони денари.
Каде е програмата, каде е одговорноста, каде е културата? Културните центри не смеат да бидат политички алатки и празни згради со вработени без резултат. Тие треба да им служат на граѓаните, особено на младите, и да бидат срцето на културниот живот во градот.
Време е некој јавно да одговори зошто културата во Кочани е ставена во втор план и кој ќе ја сноси одговорноста за оваа состојба.

