Денес се одигра хуманитарниот натпревар помеѓу ГФК Осогово и ФК Вардар, во емотивна атмосфера исполнета со почит и солидарност. Во 63-тата минута натпреварот беше прекинат, по што со голем аплауз се оддаде почит кон 63-те жртви од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
На стадионот Никола Мантов во Кочани, Вардар славеше со 4:1. Сите средства од собрани од продажбата на билетите за овој меч одат во хуманитарни цели.
На полувремето, дресот на Стојанче Велинов – со кој беше освоен Купот на Македонија – се продаде на лицитација. Истиот беше купен од навивачката група „Комити“, присутна на трибините, за сума од 23.000 денари, а потоа беше подарен на навивач на Осогово. Овој гест претставува пример за спортски дух и меѓусебна почит!
За жал, мала дамка на целиот настан остави однесувањето на навивачката група „Сејмени“, кои и покрај присуството на родители на починати деца и повредени од пожарот, користеа пиротехника и бакли што предизвикаа чад на трибините, поради што дел од повредените беа принудени да ја напуштат трибината. Дополнително, навредите, пцовките и скандирањето погрдни зборови кон „Комити“ и други навивачки групи се недозволиви за натпревар од ваков хуманитарен карактер.
Ваквите настани треба да бидат пример за единство, почит и достоинство.

