Во кругот на ТППЕ – Кочани пристигна чешката донација, десеттонска цистерна „татра“ со погон на шест тркала и висока клиренс пумпа за вода од 760 кпс.
На настанот, на кој присуствуваа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, градоначалникот Грозданов упати благодарност до Република Чешка за силната поддршка на Кочани.
– Особено сме благодарни што оваа поддршка доаѓа во еден исклучително тежок период за Кочани, кога како заедница сѐ уште се соочуваме со надминување на колективната болка и последиците од трагедијата што длабоко нѐ погоди. Ваквите гестови ни даваат сила, охрабрување и надеж дека не сме сами во напорите да ја обновиме довербата, безбедноста и чувството на сигурност кај нашите сограѓани – рече Грозданов.
– Сметавме дека тоа е наша одговорност да ви помогнеме кога беше потребно. Знаеме што значеше оваа трагедија за Кочани, и се обидуваме да помогнеме како во медицинската така и во областа на противпожарната заштита. Јас во вашиот град не сум прв пат и убеден сум дека со новоизбраниот градоначалник ќе имаме поблиска соработка. Секако дека ова не е моја последна посета на Кочани – изјави амбасадорот Јерослав Лудва.
Договорот за донација на противпожарно возило е во вредност од 7,94 милиони денари и претставува хуманитарна помош од Чешка за зајакнување на капацитетите за справување со вонредни состојби.

