Општина Кочани денес ја одржа најавената јавна презентација по Деталниот урбанистички план за градска четврт 13, при што граѓаните изразија силно незадоволство и јасно се спротивставија на предвидената изградба на објекти за колективно домување, односно станбени згради на локацијата на сегашниот Панаѓур.
Во дискусијата беше нагласено дека целата градска четврт 13 веќе е доволно урбанизирана, особено со колективно домување, што создава сериозни проблеми со водоснабдувањето, одведувањето отпадни води, собирањето комунален отпад и паркирањето. Дополнително, беше посочено дека постојната густина на објекти го нарушува природниот проток на воздух, поради што граѓаните чувствуваат зголемена загаденост.
Поради овие причини, граѓаните едногласно го изнесоа ставот просторот кај Панаѓурот да се уреди како парк и зелен јавен простор наместо да се гради ново колективно домување.

