Новиот Закон за угостителство е во завршна фаза од владината процедура и се очекува да биде донесен до јуни, а можеби и порано. Ова го најави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Според него, во подготовката на законот се бара и експертиза од Европската унија, со цел усогласување со европските стандарди.
Ристески посочи дека процесот на издавање лиценци ќе биде целосно дигитализиран, со засилена меѓуинституционална координација и построги критериуми за работа. Паралелно ќе се менуваат и правилници, со акцент на безбедноста и заштитата на човечки животи.
Со новите измени ќе се зголемат надлежностите на инспекторатите и ќе се воведат поригорозни казни. Угостителските објекти како ноќни клубови, дискотеки и кабареа ќе мора да ги исполнат сите услови пред да добијат дозвола за работа, а контролите ќе бидат редовни.

