Стадионот „Никола Мантов“ е официјално отворен во 1952 година. Името го носи по фудбалерот на Осогово, Никола Мантов, кој во 1973 година, во 10-тата минута од натпревар против ФК ФАС, почина од срцев удар. Ова е единствениот стадион во Македонија именуван по фудбалер.
Со капацитет од околу 5.000 гледачи и со клуб како ГФК Осогово, кој неодамна одбележа 100 години постоење, состојбата на стадионот е – благо кажано – срамна.
Тревникот е во катастрофална состојба. Нема осветлување за ноќни натпревари. Трибините имаат стари седишта и дотраен покрив со столбови што го попречуваат погледот на гледачите. Нема коментаторски места, нема соодветна инфраструктура за пренос на натпревари, безбедноста е минимална – без заштитни огради на скалите и редовите.
Тоалетите се нефункционални. Влезовите на трибините се стари и руинирани, без билетарница. Дел од влезовите завршуваат во приватен двор – како е тоа возможно? Под чија надлежност е стадионот и кој дозволил ваква состојба?
Нема ниту помошен терен, за главниот тревник да се чува исклучиво за натпревари. Една трибина е без покрив и без столчиња. Гледачите со право реагираат дека нема основни услови.
Паркингот е посебна приказна – иако имаше обиди за расчистување, повторно е затрупан со купови земја. Асфалтниот пат до влезот е целосно пропаднат и речиси невозможен за влез на автобусите на гостинските екипи.
Ако сакаме спорт во градот, ако сакаме квалитетни тренинзи и услови достојни за клуб со ваква историја – потребна е целосна реконструкција, не ситни естетски зафати.
Општината мора да обезбеди системско решение, а Министерството за спорт да вложи сериозни средства. Осогово и Кочани заслужуваат стадион достоен за својата традиција.

