Граѓанин се обрати со прашање до Општина Кочани, револтиран од активностите што деновиве се спроведуваат во градот.
„Со какви зборови да го објасниме ова што се случува? Со месеци ништо не беше поместено, а сега одеднаш се чисти, се уредува речното корито, се менуваат улични светилки и се прават подготовки низ градот – како да се подготвуваме за убав настан, а не за одбележување на најтрагичниот настан во историјата на Македонија“, прашува граѓанинот.
Тој додава дека впечатокот е како градот да се подготвува само за пречек на делегации, наместо за достоинствено одбележување на трагедијата во дискотеката Пулс.
„Дали ова е срамно, жално или едноставно погрешно? Кој е вистинскиот збор што треба да го употребиме? Дали навистина се прави ‘генералка’ за најтрагичниот настан во нашата историја?“, прашува тој.
Останува прашањето дали ваквите подготовки се вистински начин за одбележување на трагедија што длабоко го потресе Македонија, или само уште една форма на формалност пред доаѓањето на делегации.

