Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, апелира до граѓаните во претстојните денови да се воздржат од користење автомобили и низ градот да се движат пеш или со велосипеди, поради најавеното доаѓање на бројни делегации и гости по повод одбележувањето на годишнината од трагедијата во дискотеката Пулс.
Но се поставува логично прашање:
Дали градоначалникот се исплаши од сообраќајниот режим што самиот го постави?
Дали граѓаните треба да одат пеш или со велосипед за делегациите и функционерите да можат удобно да се движат со своите автомобили низ градот?
Во исто време, од граѓаните се бара и да ги повлечат возилата од улиците, бидејќи во овие денови ќе се мијат градските сообраќајници – токму во пресрет на доаѓањето на делегациите.
Реалноста, сепак, е поинаква:
– немаме градски јавен превоз,
– немаме велосипедски патеки,
– немаме функционален сообраќаен систем,
– немаме доволно паркинг места.
Наместо системски решенија, од граѓаните повторно се бара тие да се прилагодат, за градот да изгледа уредно во моментите кога ќе пристигнат гости и делегации. Многумина прашуваат: Дали навистина улиците се мијат и градот се „дотерува“ за делегациите?
Ако е така – ова е дно и срамно однесување за одбележување на трагедија од вакви размери, наместо ден што треба да биде исполнет со тишина, почит и достоинство, општината се одлучи за генерално чистење во последен момент.

