Строгиот центар на Кочани, просторот во Трговскиот центар, денес остава впечаток како да не се наоѓаме во срцето на градот, туку во запуштена зона без грижа и одржување. Наместо уреден и жив градски простор, посетителите се соочуваат со испокршени плочки на сите страни, оштетени бандери за улично осветлување од кои дел не се ни во функција, како и светилки во различни бои. Светлата под скалите одамна не работат, а фонтаната која некогаш беше симбол на центарот денес е запуштена, со прегорени LED ленти и нечистотија што остава грда слика.
Заштитните огради се испокршени, зеленилото е неодржувано и хортикултурно неуредено, а наместо нови содржини што би го оживеале просторот, сè уште висат стари кабли од времето кога центарот се украсуваше за Нова година. Дрвјата не се искатстрени, па целиот простор остава впечаток на запуштеност и негрижа.
Дополнителен проблем е недовршениот влез кај големиот паркинг, каде што шеталиштето буквално завршува во паркинг, наместо природно да продолжи до самиот кеј на реката и да создаде уредена и функционална пешачка зона каква што доликува на еден градски центар.
Ќе се врати ли повторно сјајот на Трговскиот центар во Кочани, или строгиот центар на градот ќе продолжи да изгледа вака, запуштен и без јасна визија за негово уредување и развој.


