Само неколку дена пред првата годишнина од трагедијата во дискотеката Пулс, во која загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени, Владата од Кочани најави инфраструктурни инвестиции во вредност од 5,5 милиони евра. Најавата дојде за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски.
Формално, пораката е јасна – развој, нови проекти, нова инфраструктура и подобар живот за граѓаните. Но тајмингот на ваквата најава отвора сериозно прашање: Дали ова беше вистинскиот момент за промоција?
Во период кога градот се подготвува за денови на сеќавање, жалост и одбележување на најголемата трагедија во историјата на Македонија, државниот врв зборува за булевари, мостови и инвестиции. Кога инфраструктурните проекти се соопштуваат во ваков емотивен и историски тежок момент, тие лесно добиваат и друго значење – обид паралелно да се испрати порака за развој и контрола врз наративот во град кој сè уште не ја залечил својата најголема рана.
Да, Кочани има потреба од инфраструктура. Градот има потреба од нови улици, мостови, водовод и инвестиции. Но по трагедијата во „Пулс“, Кочани не е само урбанистички запоставен простор што чека реконструкција. Тој е место на колективна траума, град што сè уште бара одговори на многу потешки прашања: што научи државата од трагедијата, кој ќе сноси одговорност и дали правдата ќе стигне до крај.
Токму затоа изјавите дека овие проекти „ќе го сменат ликот на градот“ звучат двосмислено. Затоа што обнова без правда лесно може да личи на политичка козметика, особено кога доаѓа токму во деновите кога градот треба да се сеќава на жртвите и на најтешкиот ден во својата историја.
И затоа многумина денес прашуваат: Дали сега беше време за промоција и политички пораки – или време за тишина, почит, правда и одговорност?

