Денеска во Кочани во посета беа премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, и министерот за транспорт Александар Николоски. Тие присуствуваа на отпочнувањето на изградбата на јужниот булевар, како и на активности за изградба на нов мост на Кочанска Река, кој ќе ги поврзува улиците „Лазар Андонов“ и „Вера Которка“.
При посетата беа најавени три поголеми инфраструктурни проекти со вкупна вредност од околу 5,5 милиони евра.
Според министерот Николоски, започнува реализацијата на влезниот булевар, чија вредност е околу 2 милиони евра, а се очекува да биде завршен во рок од една и пол година. Планирана е и изградба на мост на Кочанска Река со вредност од околу 350.000 евра. Дополнително, ќе се реализира и проектот за довршување на водоводот со нов потисен цевковод, вреден околу 1,1 милион евра, кој треба да обезбеди поквалитетна вода за пиење за поголем дел од градот.
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, најави и повеќе дополнителни активности во градот. Меѓу нив се поставување платформи за паркирање и обезбедување нови 4.000 квадратни метри паркинг простор во центарот на градот, изградба на нов потисен цевковод со оглед дека сегашната водоводна мрежа е стара повеќе од 50 години, како и реконструкција на цевководот што ја носи геотермалната вода од изворите до корисниците во градот.
Тој најави и дека изградбата на Дом за стари лица треба да започне следната недела, додека источниот булевар се очекува да биде завршен за околу седум месеци. Планирано е и поставување фотоволтаици на бунарите од кои се испумпува водата за пиење, со што значително ќе се намалат трошоците за електрична енергија. Дополнително беше најавена и изградба на голем ритејл парк со светски брендови, кој треба да донесе нови содржини и економска активност во градот.
Премиерот Мицкоски посочи дека се работи на повеќе проекти што треба да го подобрат квалитетот на животот во регионот, при што го издвои и експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево со граничниот премин со Бугарија. Првата делница од Кочани до Виница веќе е завршена, а во тек е процес за обезбедување финансирање за делницата од Виница до Делчево. Според него, проектирањето продолжува и се работи согласно утврдените приоритети.

