Една година по трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, која однесе 63 животи, состојбата во ТППЕ Кочани покажува дека системски подобрувања речиси и да нема.
На 16.03.2025 година единицата функционираше со 16 професионални пожарникари и 9 возила. Точно една година подоцна, бројките се минимално променети – 17 пожарникари и 10 возила. Во меѓувреме, еден пожарникар заминал во пензија, двајца се вработени, а единицата добила едно дополнително возило. Од инфраструктурни инвестиции, реализирани се само минимални зафати.
И покрај тоа, ТППЕ Кочани и понатаму работи со околу 50% од потребниот кадар, со застарена и делумно нефункционална опрема. Дел од возилата се стари и со ограничени можности, а новодобиеното возило-донација сè уште не е ставено во оперативна употреба. Авто-скалата е надвор од функција, додека дел од постоечките камиони функционираат со импровизирани решенија.
Во изминатата година, единицата беше ангажирана на повеќе сериозни интервенции – индустриски пожари, пожари во објекти и други ризични ситуации, што дополнително ги оптовари веќе ограничените ресурси.
Особено загрижува фактот што не е обезбедена нова заштитна опрема, ниту се реализирани значајни инвестиции во техника и капацитети.
Дополнително, во наредниот период се очекува значително намалување на кадарот поради пензионирања, што ќе ја доведе единицата во уште потешка состојба.
Иако беа најавени нови вработувања, до денес не е објавен оглас, а дури и најавените вработувања би значеле само замена на оние што заминуваат, без реално зголемување на капацитетите.
И покрај посетите на бројни делегации и институции, конкретна поддршка во опрема, техника или финансии речиси и да нема, со исклучок на поединечни донации.
Сето ова наметнува сериозно прашање: Дали по една ваква трагедија се извлечени поуките?
За жал, состојбата укажува дека противпожарниот систем и понатаму се соочува со сериозни предизвици, а без итни и конкретни мерки, иднината на овој сектор останува неизвесна.

