Една од најдобрите фудбалерки во Македонија, расниот голгетер Афродита Салихи, се наоѓа во незавидна ситуација по тешката повреда на лигаментите. Таа, иако му даде сè на ЖФК Кочани и практично сама го внесе клубот во Првата лига – откако минатата сезона постигна неверојатни 53 гола во Втората лига и беше убедливо најдобар стрелец – сега вели дека клубот ја оставил на цедило.
„Разочарана сум од клубот, а особено од управата, што по повредата заборавија на мене. Ме оставија на цедило, иако сè направив за Кочани. Дојдов да играм и им помогнав да се вратат таму каде што треба и каде што припаѓаат – во Првата лига.
Кога се пензионирав од репрезентацијата решив повеќе да не играм фудбал, но ме повикаа од Кочани и ме замолија да помогнам. Бидејќи ме врзуваат убави спомени за овој клуб и за градот Кочани, веднаш прифатив.
Во настапите во Првата лига се повредив – ги скинав лигаментите. Сега, кога немаат повеќе корист од мене, до денес никој не ме ни праша како сум, ниту дали имам потреба од нешто. Единствено што побарав беше, ако ништо друго, барем да обезбедат доктор за да се забрза операцијата“, изјави Салихи.
Афродита Салихи, како една од најдобрите и најпосветените фудбалерки во историјата на македонскиот женски фудбал, заслужува итна помош – од клубот, a со оглед на тоа што има повеќе од 100 настапи за Македонија и СЕКОГАШ БИЛА НА РАСПОЛАГАЊЕ на националниот тим, кога веќе ЖФК Кочани нема слух и човечност, тогаш останува на ФФМ да излезе во пресрет.

