Дефектот кој предизвика поплава во подрумските простории, каде што е сместен и трансформаторот на ЕВН, се покажа како многу потежок и покомплексен од првично очекуваното.
Најверојатно станува збор за пукнатина на главниот доводен цевковод, поради што водата постојано навлегува во просториите и го доведе во ризик целиот електроенергетски систем во тој дел од градот.
И денес сите надлежни екипи се на терен – ЕВН, КЈП Водовод, како и Противпожарната единица, која неколку пати интервенираше со испумпување на водата.
Поради висок ризик, над 300 корисници останаа без електрична енергија и вода, но по повторните безбедносни проверки, ЕВН сепак одлучи повторно да ја вклучи струјата за да им овозможи нормално функционирање, сè додека трае сложената санација на дефектот.
Екипите утре повторно ќе продолжат интензивно да работат на точна детекција и целосно отстранување на дефектот, по што ќе следи трајна стабилизација на водоводниот и електроенергетскиот систем.
Благодарност до сите институции што работат веќе три дена за надминување на овој сериозен проблем.



