Градоначалникот остро ги отфрли обвинувањата за незаконско работење, тврдејќи дека на терен не се гради, туку се врши „расчистување“.
– За мене овој театар не може да се споредува. Во моментот не се изведуваат градежни активности за изградба, туку се изведени активности за расчистување на теренот. Никој нема да посегне да гради нешто заради кое ќе се дига фама. Општина Кочани постапува исклучиво според законите. Поентата за брзото расчистување беше дека сакавме до 16-ти март да биде поставен, кога очекуваме и странски делегации, рече Грозданов.
Додека се даваше изјавата, на терен веќе има поставени инсталации и излеан бетонски темел. Сето тоа без јавно презентиран проект, без објавено одобрение и без јасна информација кој е изведувачот и под чиј надзор се изведуваат работите.
Но, со ваквата изјава се отвораат сериозни прашања. Ако целта е „брзо расчистување“ за да се постави објект до 16 март поради најавени странски делегации – дали тоа значи дека процедурите се туркаат набрзина само за да се исполни рок?
Претставникот од Секторот за урбанизам појасни дека процедурата е во тек и дека техничката документација допрва ќе се разгледува. Нагласи дека МПЦ има поднесено барање, а откако ќе се донесе оваа одлука, потоа ќе се гледа техничката документација што ќе биде донесена до крајот на неделата, по што општинските служби издаваат решение дали крстот може да биде поставен или не.
На Кочани му требаат решенија за реални проблеми – инфраструктура, безбедност, урбан ред – а не импровизации за пречек на делегации.
Се поставуваат легитимни прашања:
– Зошто се гради без одобрение за градба?
– Дали е изготвен проект со статичка пресметка?
– Дали е испитан теренот со оглед на тежината и висината на објектот?
– Кој гарантира за безбедноста?
Почитувањето на законите не се докажува со изјави, туку со документи и транспарентност. Граѓаните имаат право да знаат дали се постапува согласно процедура или повторно сведочиме на импровизација што може да има последици.

