По подолг период повторно се забележани микро активности за реконструкција на булеварот „Теодосија Паунов“. Реконструкцијата е предвидена од кружниот тек кај бензинската станица Лукоил до триаголникот пред СОУ „Гошо Викентиев“.
Но, се поставува прашањето: зошто реконструкцијата не продолжи до магистралниот пат и зошто не се изнајде трајно решение за приклучок и нов функционален влез во градот? Со тоа дополнително би се растеретил сообраќајот и би се намалиле гужвите. Во моментов, поради немање соодветен приклучок, сè почесто се прават прекршоци. Возачите се приморани на опасни маневри за влез во градот, а често се и казнувани при полициски контроли. Ова не е решение – ова е импровизација што создава ризик.
При самата реконструкција потребно е:
– модерно и квалитетно сообраќајно решение
– атмосферските решетки и шахти да бидат надвор од коловозните ленти
– соодветен пад на асфалтот за при врнежи да не се задржува вода на коловозот
– обезбедување пешачка и велосипедска патека
– зелен урбан појас
Градот не смее да се реконструира делумно и без визија. Потребно е целосно и стратешко решение што ќе обезбеди безбедност, функционалност и современ изглед на овој важен сообраќаен правец.

