И покрај тежината на трагедијата и болката што ја носи целиот град, Општина Кочани ниту покажува желба, ниту пак размислува да прогласи три дена на жалост, како и неработен ден на 16-ти март, за достоинствено одбележување на трагичниот настан во дискотеката Пулс.
Ова не треба да биде обичен датум во календарот. Ова треба да биде време на почит, солидарност и емпатија. Време на тишина, која ќе биде симбол на сплотеност и поддршка кон семејствата на жртвите и кон целиот град што ја носи оваа болка. Во моменти кога заедницата има потреба од единство и достоинствено одбележување на најтрагичниот настан во поновата историја на Македонија, ваквата одлука би била најмалку што институциите можат да направат.
Затоа упатуваме уште еден апел до народните избраници – ова прашање што поскоро да се стави на дневен ред и да се донесе одлука која ќе покаже почит, човечност и одговорност кон трагедијата што никогаш не смее да се заборави.

