На 15 јануари се одржа состанок меѓу градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, претставници од Одделението за урбанизам при Општина Кочани и сопствениците на пицериите од Трговски центар – блок А.
Причина за средбата беше проблемот со бесправно изградените монтажни објекти на терасата од источната страна на блокот, за кои со години реагираат и станарите од објектот. Тие укажуваат на узурпирана јавна површина, но и на непријатни мириси од кујните на угостителските објекти.
На состанокот, градежниот инспектор при Општината соопшти дека доколку сопствениците самоиницијативно ги отстранат објектите, ќе бидат прекинати тековните кривични постапки поврзани со овој случај. Во меѓувреме, Општината треба да понуди унифицирано решение за користење на просторот, кое ќе биде во согласност со намената и безбедносните стандарди за јавна површина.
Сопствениците на пицериите начелно се согласија до крајот на март да започнат со отстранување на објектите.
Рокот истекува токму овој месец.
Дали сопствениците ќе ги отстранат дивоградбите како што беше договорено и што ќе преземе Општината доколку тоа не се случи? Јавноста очекува конкретни чекори и почитување на законите, особено кога станува збор за узурпација на јавен простор во центарот на градот.

