Започнува изградба на нов мост на Кочанска Река – побрзо и поевтино решение e без столбови во коритото
Во Кочани стартуваат градежните активности за изградба на новиот мост на Кочанска Река, кој ќе ги поврзува улиците „Вера Которка“ и „Лазар Андонов“.
Граѓаните предлагаат да се примени модерно и поефикасно решение – мост без столбови во самото речно корито, по примерот на надвозниците на експресен пат Штип–Кочани.
Овој тип на мост се изведува со два крајни потпорни столба, додека главната конструкција се поставува од претходно изработени бетонски греди кои се монтираат директно на лице место. Тоа значи значително побрза изградба – наместо со месеци работа во реката, конструкцијата може да се постави за неколку дена.
Покрај брзината, ова решение е и поекономично, бидејќи се избегнуваат скапи и сложени зафати во речното корито. Дополнително, се добива и поголема безбедност – без столбови во водата, се намалува ризикот од затнување при надојдени води и поплави.
Со ваков пристап, градот може да добие модерен, функционален и долготраен мост, изграден во краток рок и со рационално користење на средствата.
Граѓаните очекуваат паметни решенија – не проекти што ќе траат со години, туку инфраструктура што брзо и квалитетно ќе биде ставена во функција.

