Денеска, за време на пазарниот ден во Кочани, екипа на Брзата помош заглави во метежот околу градскиот пазар, каде улиците беа целосно блокирани од гужвите и непрописното паркирање. Овој инцидент повторно го отвора прашањето за потребата и организацијата на пазарниот ден, како и за безбедносните ризици кои произлегуваат од ваквата состојба.
Во Кочани со децении постои традиција на пазарен ден, но сè почесто се поставува прашањето: дали оваа практика денес навистина има смисла или создава повеќе проблеми отколку придобивки?
Непотребни гужви
Пазарниот ден претвора делови од градот во хаос – метеж, блокирани улици и паркиралишта, како и тешкотии за движење на граѓаните. Наместо ред, се добива хаотична слика која повеќе личи на привремена саемска манифестација отколку на организиран пазар.
Нелојална конкуренција за дуќанџиите
Локалните продавници кои секојдневно плаќаат даноци, кирија и сметки се ставаат во неповолна положба. Пазарџиите доаѓаат еден ден во неделата, често без соодветни давачки, и продаваат по пониски цени. Ова создава нелојална конкуренција која директно ја поткопува работата на дуќанџиите.
Наместо домашни – прекупци
Идејата за пазарен ден отсекогаш била поврзана со домашни производи од локални земјоделци. Но, реалноста е поинаква. Сè повеќе тезги се исполнети со роба од прекупци, која е идентична со онаа во маркетите – без локална вредност, без поддршка за вистинските производители.
Вистинската цел
Ако пазарниот ден навистина треба да постои, тој мора да ја има функцијата за која првично бил создаден – поддршка на локалните земјоделци и занаетчии. Без таа цел, станува само уште една неорганизирана продажба која им штети и на граѓаните и на бизнисите.

