Во Кочани одамна е јасно дека локалната политика е синоним за промашувања и штета наместо за развој и напредок. Советниците и градоначалниците во изминатите години покажаа дека не знаат, не сакаат или едноставно не им е важно што се случува со градот.
Сè што имаме денес е резултат на нивната неспособност – празни улици од иселени луѓе, млади кои не гледаат никаква перспектива, спорт оставен на милост и немилост, култура без вистински настани, кино сали што зјаат празни, илузија од нови фасади зад кои нема никаков квалитет на живот. Тендерите се сомнителни, улиците иако штотуку асфалтирани веќе пропаѓаат, тревниците се суви и запуштени, отпадот се шири како да сме напуштен град без институции.
Сè ова е слика на една локална власт која е целосно отсутна од реалноста и грижа само за своите интереси. Но вината не е само нивна. Вината е и наша – на граѓаните. Ние сме тие што дозволуваме вакви луѓе да доаѓаат на власт, ние сме тие што повторно и повторно ги гласаме истите. Ако сакаме подобар град, подобар живот и вистинска перспектива, тогаш мора конечно да сфатиме дека паметен народ избира паметно. Сè друго е само повторување на истата трагична приказна.
Последниот трагичен настан, во кој изгубивме 62 наши сограѓани, е најболниот потсетник дека живееме во систем кој не функционира. Наместо организирани институции кои превентивно работат за да се спречат вакви катастрофи, повторно сведочиме на локална неспособност, неодговорност и целосно отсуство на план и стратегија.

