Дали кандидатите за градоначалници ќе имаат храброст да проговорат за вистинските проблеми?
Со приближувањето на локалните избори, јавноста со право се прашува: дали кандидатите за градоначалници конечно ќе имаат храброст да зборуваат за вистинските, „болни“ прашања што со децении го уништуваат Кочани?
Над 400 дивоградби – односно 400 небезбедни објекти кои не само што претставуваат урбанистички хаос, туку и потенцијална опасност за животите на граѓаните. Дали ќе има јасен план и решителност за нивно решавање или повторно ќе се молчи од страв за губење на гласови?
Дивите депонии – срамна реалност на секој агол. Наместо стратегија и казнена политика за оние што ги создаваат, гледаме само импровизации и периодични чистења пред избори. Кој конечно ќе ја преземе одговорноста?
Дивите таксисти – тема за која сите знаат, но никој не се осмелува да ја отвори. Нерегулирана и недопрена „сива зона“ која создава хаос во сообраќајот и нелојална конкуренција.
Градскиот пазар – во сегашната состојба повеќе личи на импровизирана тезга отколку на пазар достоен за еден модерен град. Неред, хаос и никаков ред – прашање кое чека вистинска реформа – реформа достојна за 21 век.
КЈП Водовод – институцијата што стана симбол за неспособност. Раскопани улици, дефекти што траат со месеци, кал, прашина и улици што остануваат како после бомбардирање. Ова е еден од најголемите проблеми кој директно влијае на квалитетот на живот.
Зеленилото и јавните површини – наместо парк, граѓаните добиваат џунгла од неискосена трева, необработени крошни и исушени дрвја. Недостигот на редовна грижа претвори делови од градот во запуштени места налик на заборавени села.
Паркингот – улици затрупани со автомобили, без ред и систем. Паркинг-службата, која требаше да донесе решение, создаде уште поголемо безредие.
Јавноста очекува од кандидатите јасни одговори и конкретни решенија, а не само празни ветувања и убави зборови.
Потребна е храброст да се отвори вистинска дебата за проблемите што сите ги гледаме, но малкумина се осмелуваат да ги изговорат наглас.
Дали конечно ќе имаме кандидати кои ќе се соочат со реалноста или ќе добиеме уште една изборна претстава со молк за темите што најмногу болат?

