Со оглед на тоа што повеќе од две третини од децата на возраст од 15 години не ги постигнуваат основните вештини во читање со разбирање, математика и природни науки, обезбедувањето квалитетно образование е национален приоритет.
Многу училишта работат во две смени, што го скратува времето за квалитетно учење и воннаставни активности. Навозраст од 14 години, едно дете добива речиси 900 помалку часови настава во споредба со своите врсници од ОЕЦД – што одговара на повеќе од една цела изгубена учебна година.
Истовремено, намалениот број ученици и растечкиот број наставници доведоа до многу мали одделенија во повеќето општини. Само 12 општини (15%) ја исполнуваат законската обврска од 20 ученици по одделение.
Локалните власти можат да ја оптимизираат училишната мрежа за да се премине кон едносменска настава. На тој начин ќе се обезбеди секое дете, без разлика каде живее, да има пристап до целодневно учење во добро опремени средини, со големина на одделенијата што поттикнуваат и заедничко учење и социјализација.
Со воведувањето на новите формули за финансирање на основните и средните училишта, ресурсите ќе бидат подобро усогласени со реалноста и потребите на локалните заедници. Новиот пристап ќе помогне да се поттикне успехот во учењето, ќе отвори простор за воннаставни активности кои развиваат креативност, благосостојба и социјално-емоционален развој и ќе обезбеди соодветни ресурси за инклузија на секое дете во квалитетно образованието.
Децата не можат да гласаат, но се важни. Очекуваат локалните лидери да мислат на нивната иднина кога ќе донесуваат одлуки. Со земање предвид на овие заложби, локалните власти можат да придонесат за благосостојбата и идниот развој на децата во нивните заедници. Заедно, да се обединиме и да ги ставиме децата на прво место.

