Општина Кочани со децении континуирано го прекршува Законот за пристапност и заштита на лица со инвалидност, игнорирајќи ја законската обврска при изградба или реконструкција на тротоари и улици задолжително да постави патека за слепи лица.
Новите тротоари кои се градат низ градот не ја исполнуваат ниту минималната законска ширина, ниту имаат тактилни патеки какви што се пропишани со правилник. Последен фрапантен пример е пред основното училиште „Раде Кратовче“, каде што е направен тротоар со ширина од едвај 30 сантиметри, што претставува директна закана за безбедноста на децата и пешаците.
Додека за реконструкции како трговскиот центар и градскиот парк се потрошија стотици илјади евра од јавни пари, ниту еден од тие проекти не содржи патека за слепи лица, што е јасен показател за целосно непочитување на основните човекови права и законите за пристапност.
Во законот стои „Правилникот за пристапност до објекти и јавни површини за лица со инвалидност” (Сл. весник бр. 44/2013), сите јавни површини, тротоари, пешачки премини и приоди до јавни објекти мора да овозможат непречено движење на лица со телесна и сензорна попреченост, вклучувајќи тактилни водилки за слепи и слабовиди лица.
Овие патеки треба да бидат од специјален материјал со релјефна структура (тактилни плочки) и да бидат континуирани без прекин до клучни точки — премини, автобуски постојки, институции, влезови во јавни згради.
Време е институциите за надзор да реагираат, а одговорните во општината да сносат последици за континуираното прекршување на законот и расфрлање на јавни средства.

