„63 сенки ќе ве следат.“ Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани маршираат во Скопје, пред судењето што започнува за неколку дена. Се бараат правда и одговорност.
Ова е прв марш во главниот град организиран од граѓанската иницијатива „Кој е следен!“ и здружението „16 Март 2025“.
„63 сенки ќе ве следат, секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Тишината е соучество”, ,,Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите”, пишува на транспарентите кои ги носат граѓаните.
Првото судско рочиште за случајот е закажано за 19 ноември. Според обвинението, 34 физички и 3 правни лица се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, објави државниот обвинител Љупчо Коцевски.




