Обвинителниот акт за трагедијата во кочанскиот „Клуб Пулс“ открива шокантни детали за тоа како објектот со години работел врз основа на лажна и некомплетна документација, одобрена од обвинетата инженерка Милка Едровска и нејзината фирма „Венци Проект“. Наместо да ги почитува законските прописи за градба, Едровска се товари дека изготвила документ без клучни безбедносни елементи, а потоа, со години подоцна, само го „ажурирала“ со менување на насловната страница.
Во наводниот проект недостасувале клучни фази:
- Елаборат за статика (стабилност на конструкцијата)
- Проект за електрика
- Проект за водовод и канализација
- И најважно: Елаборат за заштита од пожари, експлозивни материи и експлозии
Обвинителството наведува дека Едровска знаела дека објектот не може да врши угостителска дејност бидејќи тоа било спротивно на Деталниот урбанистички план, кој на таа локација предвидувал „лесна индустрија“.
Милка Едровска, заедно со нејзината фирма „Венци Проект“, сега е обвинета за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, како еден од многуте чинители во синџирот на пропусти што овозможиле небезбедниот клуб да работи и да доведе до трагедија во која загинаа 63 лица.

