Судот ја отвори најголемата постапка за пожарот во Кочани. „Ќе дојдеме до правдата“, порача судијката Груевска-Илиевска, која рече дека никој не знае колку ќе трае судењето.
Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 38 обвинети од кои 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
– Секоја од овие алки имала моќ и законски надлежности да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на истата во однос на загубата на животи, но никој тоа не го направил, нагласи Коцевски.
Обвинетиот сопственик на објектот во кој функционирал клубот со умисла помогнал така што дозволил и учествувал во градежните активности за вршење угостителска дејност, иако знаел дека објектот во негова сопственост нема таква дозволена намена ниту пак како сопственик поднел барање за реконструкција со пренамена.
Обвинет е и братот на првообвинетиот, кој продавал влезници над дозволениот капацитет и дозволувал влез на малолетници, спротивно на законските правила за безбедност и заштита.
„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал вода и не ја истурил“, изјави обвинителот Борче Јанев
Според него, „не станува збор за несреќа или случај на судбината, туку за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања и калкулиран ризик. „Нашиот народ знае да каже: подобро да се спречи, отколку да се лечи. Тоа е и функцијата на превентивното безбедносно дејствување, но во овој настан последиците се неизлечиви, затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи“, додаде обвинителот.

