Ова е учебникот по Македонски јазик за седмо одделение. Достапен е и онлајн. Автор е Лилјана Јовановска, наставничка од Кочани. Уште на првата страница пишува дека е одобрен на 22 август, непосредно пред отпочнувањето на учебната година. Оттогаш до денес непрекинати се реакциите на професорот на Филолошкиот факултет при УКИМ, Симон Саздов, кој алармира дека седмоодделенците учат од учебник со грешки од различни јазични рамништа. Како прв пример, ја наведува лекцијата за безлични реченици.
„Еве, на пример, овде имате ‘Те боли ли раката?’, ‘Ме боли стомакот’. И еднава и другава реченица не се безлични затоа што имаат подмет. Во ‘Те боли ли раката?’, раката е подмет, во ‘Ме боли стомакот“, стомакот е подметот. Така што, имате божем примери за реченици без подмет, а практично се со подмет“,
вели Саздов.
Професорот Саздов вели дека во учебникот се вметнати и содржини што не би требало да бидат во него, но дека и таму повторно се греши.
На темата јавно е објавена и реакција од родител, кој забележува што во лекција за штетни информации има „кју-ар“ код, кој води до вест на интернет-портал која се однесува на српската фолк-пејачка Снежана Ѓуришиќ.
Од Бирото за развој на образованието (БРО) велат дека дале позитивно мислење за учебникот оти нивната задача била да оценат дали тој е во корелацијaта со програмата.

