Вечерва, во градскиот парк, граѓаните се собраа за да им оддадат почит на жртвите од страшниот пожар во Кранс-Монтана, Швајцарија. Со тишина, со солзи и со срце составено од свеќи, беше испратена порака на солидарност, човечност и споделена болка.
Писмо до мајките во Кранс-Монтана
Вечерва зборувам од местото каде што мајчиното срце се крши и продолжува да чука само затоа што мора.Зборувам со глас што не е само мој — глас научен во ноќта кога чекањето престана да има смисла, кога надежта застана пред вратата и никогаш не влезе.
Знам што значи да чекаш чекор што нема да се врати. Да гледаш во вратата и да знаеш дека таа вечер времето се скрши и никогаш повеќе не продолжи исто. Знам како тишината тежи повеќе од било кој крик. Како болката не вреска, туку тивко распарчува — ден по ден.
Вечерва вашите деца ги спомнуваме без глас. Со пламен што одбива да згасне.
Со срца што се скршени, но сè уште умеат да сакаат. Од една мајка до друга — ве држиме за раце. Не за да ве утешиме, зашто утеха нема. Туку за да не бидете сами во болката што нема име.
Од Кочани — град што ги закопа своите соништа заедно со своите деца — ви испраќаме прегратка што не лечи, но сведочи.
Не сте сами. И никогаш нема да бидете. Нека почиваат во мир. Во светлина.
И во љубов што не згаснува.



